Под мотото ,,Поетот се раѓа, ораторот се создава” вредно работат и успешно се создаваат бројни оратори, говорници, љубители на убавиот збор и мисла кои на слободна тема, по личен избор, преточена во говор, со децении оставаат белег кој ќе се памети и низ идните генерации од постоењето на Клубот на оратори ,,Гарда на мудроста” во нашето училиште ,,Васил Антевски – Дрен”.

Клубот на оратори ,,Гарда на мудроста” како дел од воннаставните активности на нашето училиште постои 20 години. Несебично, со голема љубов и посветеност врши обука секоја учебна година на ученици кои со лична желба сакаат да се стекнат со знаења од областа на говорењето и реториката. Секој ученик со свој подготвен говор активно учествува во обуката и практично се стекнува со говорнички вештини.

Учесниците на обуката за јавно говорење, под менторство на професор Анета Стефановска и обучувачи од Клубот на оратори FORUM ORATORES при Правниот факултет ,,Јустинијан Први’’ се запознаваат со основните реторички вештини како спој на теоријата и практиката преку  многучасовна работа и активно вежбање.

Секоја година по успешната обука традиционално се одржува свечена ораторска вечер во рамките на училиштето и се избираат три најдобри говори и говорници. Првонаградениот говор учествува на државен натпревар на кој учество земаат средни училишта од целата земја, а од каде секако можеме нескромно да се гордееме со бројни освоени први награди и златни медали.

Клубот на гардистите вредно работеше и континуирано ги спроведе обуките, ораторската вечер и учествуваше на државниот натпревар и во услови на пандемија, секако со почитување на сите постоечки протоколи.

Досега од клубот имаат излезено многу успешни личности кои сега се двигатели на општествени промени, а своите приказни ги започнале токму во клубот со желба секој нивен збор да допре и остави порака кај слушателите. Создавањето на добри говорници и врвни професионалци во своите кариери, без разлика на професијата, затоа што убавиот збор железни врати отвара, е основната мисија на клубот со години наназад. Оваа мисија не застанува тука, напротив продолжува понатаму со нови генерации, нови млади сили кои ќе ја креираат својата и иднината на нашата држава.