Образовен влез
Во училиштето можат да се запишат и да се образуваат во било која струка ученици со завршено основно образование во согласност со Законот за средно образование. Изборот на струката е според нивната желба и афинитет, така на пример, во економската струка можат да се запишат пред се учениците кои имаат желба да водат сметководство (да извршуваат сметководствени работи), комерцијални, претприемнички, маркетинг работи и бизнис активности. Во правна струка пред се можат да се запишат ученици кои сакаат да работат во јавната администрација, на правни административни работи, но и да се занимаваат со претприемништво и бизнис активности.
Дополнителни критериуми за упис на учениците и за економска и за правна струка ги утврдува училиштето, со посебна одлука.
Излезни образовни профили
Средно економско правно училиште на Град Скопје „Васил Антевски -Дрен“ е верифицирано според наставните планови и програми во кое се врши воспитно-образовна дејност со четиригодишно образование.
Во училиштето за сите оние завршени и вработени кои сакаат своето образование да го надоградат и се здобијат со диплома за специјалист за одредено знаење се размислува да се организира и полагање за постсредно образование или V степен на стручна оспособеност. За V степен се предвидува да се организира исклучиво консултативна настава, додека за четвртиот степен на образование се организира и реализира редовна настава, како и консултаивна или редовна настава за вонредни ученици, доколку за тоа има интерес.
Се размислува за образование на возрасни како потсистем во рамките на глобалниот едукативен систем во Средно економско правно училиште на Град Скопје „Васил Антевски -Дрен“.
Наставните планови и програми во учебната 2021/2022година на завршените ученици им овозможуваат да се здобијат со четиригодишно стручно образование (квалификација) за овие профили (занимања) од економска, правна и трговска струка:
- Економски техничар од економската струка, четиригодишно образование
- Правен техничар од правната струка, четиригодишно образование
Овие ученици со завршување на овој наставен план и наставни програми ќе се здобијат со диплома на економски, односно правен техничар од III ниво на стручна оспособеност (квалификација) со четиригодишно образование.
Можности за вработување на пазарот на трудот
Учениците кои се образуваат во нашето училиште се здобиваат со диплома од соодветната струка и степен на стручна оспособеност и ќе можат да се вработуваат како економски и правни техничари.
Завршените ученици од образовните профили од економска струка можат да најдат вработување во фирми и претпријатија, банки и други трговски друштва, како и во јавната администрација чија основна дејност е производство или вршење на услуги.
Учениците од правната струка со завршеното четиригодишно образование, IV степен на стручна подготовка како правни техничари. Сите овие ученици кои со успех ќе го завршат средното образование и обука од правна струка имаат можност да се вработат во јавната администрација и другата администрација во државната управа, судовите, јавните и другите установи, јавните претпријатија трговските друштва, каде ќе ги извршуваат административно-канцелариските и поедноставните правни работи, самостојно или како асистенти на дипломирани правници и другите стручни лица кои ја водат работата.
Освен тоа економските и правните техничари се оспособени да основаат и водат сопствен бизнис.
Можност за проодност
Хоризонтална проодност
Според наставниот план и наставните програми за реформирано модуларно средно стручно образование, учениците од економската струка по завршувањето на прва и втора година од економска струка можат да го продолжат своето образование за образовен профил правен техничар, што значи четиригодишно стручно образование и обука (трето ниво на стручна квалификација).
Во училиштето може да се запишат и ученици во втора година кои прва година ја завршиле во некое друго средно стручно училиште со полагање на диференцијални испити, карактеристични за образовниот профил на струката. Во училиштето можат да се запишат и учениците кои прва година ја завршиле во гимназиите, исто така, со полагање на диференцијални испити карактеристични за образовниот профил.
Истото важи и за правната струка.
Се разбира во пракса вакви префрлања на ученици се прават само ако има некаква оправданост и под услов ако постојат слободни места во паралелките, каде бројот на учениците во паралелка не надминува 34.
Изборната настава како можност на вертикална проодност
Учениците во трета година можат да се определат и да изберат предмети во функција на стручно доусовршување во зависност од нивните способности, интереси и план за понатамошното образование или вработување.