Васил Антевски - Дрен

Васил Антевски – Дрен е роден на 28 октомври 1904 во селото Оморани, Велешко тој македонски комунист и учесник во НОВ. Основното училиште го завршил во родното село, а потоа се занимавал со чување овци. По вклучувањето на Бугарија во Првата светска војна, Васил Антевски, заедно со многу свои соселани бега во Солун, откаде заминал за Франција. Таму престојувал од 1915 до 1919 година и завршил основно училиште во гратчето Вилфранш. По враќањето во Македонија, завршил гимназија во Велес, а од 1922 година студира на Правниот факултет во Белград, кој го завршил во 1928 година. По завршувањето на студиите работи како судски приправник во Куманово и Велес, а потоа и во Скопје. Од октомври 1938 година отвора своја адвокатска канцеларија.

Во март 1937 година е уапсен како комунист и е осуден на една година затвор која ја издржува во затворот во Сремска Митровица. По издржувањето на затворската казна, во април 1938 година се враќа во Скопје. По изборите во 1938 година станува член на Земјоделската партија. Од јануари до крајот на февруари 1941 година, како земјоделец, е интерниран во логорот Меѓуречје кај Иваница. Мобилизиран е во Априлската војна. По повеќе години активност во напредните кругови, во мај-јуни 1941 година Антевски станува член на КПЈ.

Кон крајот на јули Антевски преминува во илегалност, а на 20 септември 1941 година се приклучува на Скопскиот партизански одред. По расформирањето на одредот, шестмина борци, меѓу кои и Антевски, од 5 до 8 ноември илегално се префрлаат во Велес, каде се прифатени од велешката партиска организација. Обидите за воспоставување врска со Прилепскиот партизански одред завршуваат неуспешно и набрзо, на 15 ноември 1941 година Антевски е уапсен во Велес од бугарската полиција.

Заедно со уште 24 комунисти, на 27 април 1942 година Антевски е изведен пред суд во Скопје и на 9 мај е осуден на смрт со бесење. Откако поминува уште три месеци во скопскиот затвор, на 15 август е префрлен во затворот во Софија, каде на 18 август 1942 е убиен. Во неговото пледоаје, јавно ја осудил бугарската окупација на Македонија, по што е осуден на смрт со стрелање и застрелан во Софискиот затвор.