Учество на меѓународна конференција “Иднината може да ја менуваме” за наставници

Учество на меѓународна конференција “ Иднината може да ја менуваме ” за наставници кои се дел од мрежата на ученички компании – Junior Achievement Europe која се одржа од 13-15.10.2024 година во Врњачка Бања Р. Србија.
Искуствата и предизвиците кои беа тема на панел дискусиите поткрепени со мотивациски говори од врвни предавачи , менаџери на компании во доменот на иновации , психологија за справување со “ генерација Z”,вештачка интелигенција, е трговија и вештини во новото време .

Поддршка на добри образовни политики

Во Европскиот парламент во Брисел, на покана на Европскиот комитет на региони, учествував во отварањето 162та Пленарна седница посветена на процесот на проширување и пристапување кон Европската унија каде ги изнесов главните препораки и предизвици со кои институциите на локално ниво се соочени во Македонија. Повеќе од 70% од законодавството на ЕУ ги засега локалните власти, затоа успешна хармонизација и имплементација на ЕУ регулативата може да се гарантира со мултилатерална соработка каде централните и локалните власти се надополнуваат. Градовите треба да бидат вклучени во справувањето со значајните предизвици преку заедничка работа и градење мостови на соработка и пријателство. Локалната власт игра клучна улога во контекст на процесот на интеграција во ЕУ и поширокиот политички контекст во земјата во изминатите две децении, а Македонија докажа дека во соработка и единство со Европските институции, зајакнато работи да го надмине секој предизвик и да создаде подобра иднина. Локалната власт е релевантна за нашите ЕУ аспирации ​​и за надминување на предизвиците со кои Македонија е соочена, во повеќе клучни аспекти. Процесот на реформи за децентрализација со цел да се пренесат овластувањата и одговорностите од централната на локалните власти, кој сè уште е во рудиментална фаза во Македонија е од суштинско значење за подобрување на управувањето, зголемување на учеството на граѓаните и подобрување на испораката на услуги на локално ниво. Граѓанскиот ангажман и учество се клучни бидејќи локалните самоуправи обезбедуваат платформа за вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки и градење доверба во локалните институции, локалните политики и иницијативи. Локалните власти можат подобро да одговорат на специфичните потреби и грижи на граѓаните, вклучително и прашања поврзани со инклузија и социјалната кохезија. ⚖️ Ефективното локално управување е услов за интеграција во ЕУ, а преку зајакнување на структурите на локалната самоуправа се нагласува важноста на локалната демократија, одговорноста и владеењето на правото. Неопходно е градење на капацитетите и обуки за претставниците на локалната самоуправа за подобрување на управувањето и испораката на услуги со што ќе зајакнат локалните институции. Воедно во партнерство со граѓанските организации може значително да се подобри транспарентноста и отчетноста, што ќе придонесе за поефективно управување и промовирање на демократските вредности. За закакната регионална соработка важно е поттикнување на прекугранични иницијативи и активно учество на Македонија во регионалните мрежи. Локалните самоуправи треба да бидат поддржани во спроведувањето иницијативи за економски развој со цел стимулирање на растот, привлекување инвестиции и отворање работни места, што е клучно за подобрување на животниот стандард и намалување на регионалните разлики, како важни критериуми за пристапување во ЕУ. Важно е и да се искористат можностите за финансирање од ЕУ, а за пристапот до фондовите неопходна е ефикасна локална администрација и капацитет за спроведување проекти, кои можат да ги подобрат локалниот економски развој и инфраструктура. Главни предизвици со кои се соочува локалната самоуправа се политичкото мешање во нивната работа и обиди за влијание врз независноста и интегритетот на локалните институции од страна на централната власт, но и ограничените финансиски ресурси и капацитети. Во заклучоците воедно акцентирани се и забелешките за еднаквост и правичност, оваа година има значителен пад на статусот на жената во локалната власт, а младите девојки и жени се обесхрабрени да учествуваат знаејќи дека немаат системска поддршка и заштита од родово базирано насилство, што се рефлектира и преку големиот пад на процентот на жени градоначалници низ Европа. Поради говорот на омраза, сајбер насилство, закани и континуираната загриженост за личната безбедност, бројот на жени градоначалници во Европа падна од 25 на 16%, во земјите од Југоисточна Европа на 8,3%, додека во Македонија на рекодно најниско за Европа на 2%. ✅ Локалната власт во Македонија е составен дел на процесот на интеграција на земјата во ЕУ и севкупната рамка на управување. Локалните власти значително можат да придонесат кон аспирациите за членство во ЕУ, за што е неопходно зајакнување на локалните институции, промовирање на граѓанскиот ангажман и справување со уникатните потреби на локално ниво. Тековните напори за унапредување на децентрализацијата, подобрување на локалното управување и поттикнување меѓуетничка соработка ќе бидат од суштинско значење за градење стабилно, демократско и просперитетно општество кое ќе се усогласи со вредностите и стандардите на ЕУ.

Настан во Дом на пратениците

Завршен настан во Дом на пратениците, на кој директорот го сподели искуството на училиштето како корисник на
програмата “Bтора шанса”, грант за поддршка на ранливи категории ученици кои имаа статус вонредни во учебната год.2022/23 и 2023/24 год од програмата на ИПА на ЕУ а во организација на проектниот тим на АВРМ и ресорните министерства на РСМ .
Предизвиците кои ги совладавме заедно со цел интеграција на ранливите категории во образовниот процес на пазарот на трудот и успехот во индивидуалниот развој на поединецот.
Вкупно 9 вонредни ученици со оваа мерка финански поддржани од овој проект го финализираа своето формално образование во период од две години.
Остануваме посветени на унапредување на воспитно образовниот процес и проактивни за секој вид помош за нашите ученици.

Европски ден на јазиците

Европскиот ден на јазиците е востановен како ден за промовирање на свеста кај пошироката јавност за важноста на учењето јазици и заштита на јазичното наследство. Првиот Европски ден на јазиците е одржан во 2001 година како водечки настан на кампањата ,,Европска година на јазиците 2001” организирана oд Европската унија. Во нашето училиште и оваа година го одбележавме овој ден со пригоден настан: поезија, музика и глума на повеќе европски јазици.

Рекреативна пешачка тура “Водно”

Рекреативна пешачка тура “Водно”
Реализиран од ученици при СЕПУГС”Васил Антевски -Дрен” -Скопје, под покровителство на Министерстерство за Спорт, во рамките на проектот EWoS (Европска недела на спортот)
Дестинација: Средно Водно- Крстовар- Средно Водно
Датум: 20.09.2024;
Час: 08.45 – 14.00
Број на учесници 59 лица (55 ученици ,2 наставници-ментори и 2 претставници од посоченото министерство).

“Од бизнис идеја до реализација“ – УЧЕНИЧКА КОМПАНИЈА

“Од бизнис идеја до реализација “ -УЧЕНИЧКА КОМПАНИЈА .
Во организација на Junior Achievment Macedonia во нашето училиште на 19.9 и 20.9.2024 год.се одржува дводневна обука за наставници од среднто образование со цел унапредување на вештините на наставниците во насока на имплементација на програмата ученичката компанија – најдобра претприемничка практика. Иновативноста и претприемничкиот дух на учениците кои се дел од ученичката компанија охрабрени и поттикнати од своите наставници се иднината на малиот бизнис .
Благодарност до обучувачите кои своето долгогодишно искуство го пренесуваат во насока на успешна имплементација на мотото РАЗВОЈ НА ПРЕТПРИЕМНИЧКИ ДУХ И ДОЖИВОТНО УЧЕЊЕ.

30 години воспоставени билатерални односи помеѓу Република С. Македонија и Република Шпанија: Најдобрите три лога на учениците од нашето училиште беа наградени

Во чест на одбележување на 30 години воспоставени билатерални односи помеѓу Република С. Македонија и Република Шпанија најдобрите три лога на учениците од нашето училиште беа наградени од страна на амбасадорт на Шпанија во нашата земја неговата екселенција амбасадорот Хосе Луис Лосано Гарсија.

Најдоброто лого го изработи ученичката Теа Јанковска кое ќе се користи во официјалната деловната коресподенција на амбасадата , второ место е логото на ученикот Марко Маријановски и трето место лого изработено од страна на ученичката Ана Попова , ученици од прва година.Благодарност до амбасадорот и неговиот тим за можноста да ја унапредиме иновативноста и креативноста на нашите ученици.

Aктивност: Имам став

На ден 27.03.2024 година, учениците од нашето училиште ,,Васил Антевски – Дрен” , под менторство на предметните професорки Снежана Бриндевска, Лилјана Поповска и Радмила Куцуловска, уште еднаш го искажаа својот став во врска со најразлични теми кои го засегаат целото општество и се квалификуваа во уште едно финално учество на активноста ,,Имам став”, која се одржа во рамките на Собранието.

Дебатата се спроведе помеѓу три училишта за да се претстави симулација на една пленарна седница и законодавен процес, односно да се долови работата што ја извршува Собранието на Република С. Македонија. Нашето училиште по трет пат се закити со освоено ПРВО МЕСТО и освоен пехар на оваа активност, со што се докажува нивната одговорност, истрајност и достоинство за учество на ваков настан. Им честитаме и се гордееме!

Одбележување на 30 години воспоставени билатерални односи помеѓу Република Северна Македонија и Шпанија

Во чест на одбележување на 30 години воспоставени билатерални односи помеѓу Република Северна Македонија и Шпанија , се организираше натпревар за изработка на лого и најдоброто амбасадата ќе го користи во нивната коресподенција. За таа цел, денес 26 Март, на покана од амбасадорт на Шпанија во нашата земја неговата екселенција амбасадорот Хосе Луис Лосано Гарсија учениците кои влегоа во тесен избор имаа чест да ги презентираат своите изработки пред амбасадорот, директорот на ЦССО г-дин Шериф Мифтари. Учениците беа среќни и горди на своите креативни дигитални логоа, покажаа одлични комуникациски вештини и аргументи дебатираа на англиски јазик. Ваквата неформална дружба со амбасадор од кариера за најголем дел од нив , отвори прашања за личниот пат на амбасадорот, како ја доживува нашата земја, македонската кујна, дали е тежок македонскиот јазик за изучување и многу прашања врзани за убавините на нашата и неговата земја. Горди сме на нивните дигитални логоа и благодарни на покажаниот интерес на учениците под менторство на наставникот Радојка Хелман Денковска, со цел унапредување на новиот образовен профил техничар за е трговија и дигитален маркетинг. Најдобрите три ученика ќе бидат јавно објавени и наградени од страна на неговата екселенција амбасадорот на Шпанија во РСМ .

Второто место со бизнис концептот TERRAMEA – fun meats nature на Најдобар бизнис концепт за зелени иновации 2024

“Најдобар бизнис концепт за зелени иновации 2024“ за средни училишта во РСМ. Денес 23.03.2024 год.училишниот тим на ДРЕН под менторство на наставниците Емилија Ампева и Душица Кранго Марковска во финалето го освоија второто место со бизнис концептот TERRAMEA – fun meats nature пред комисијата во која членуваа претставници на Центарот за зелени иновации, Халкбанк , Македонија 2025 , Раде Кончар, GREENOVET, Стопанска Комора и Центар за развој на иновации и претприемачко учење во организација на Машински факултет.
ИДЕИТЕ ЗА БИЗНИС на учениците, ТЕОРЕТСКИТЕ ЗНАЕЊА, мотивацијата и желбата за успех ни даваат сила и верба училиштето да продолжи да ги зголемува вештините, знаењата и компетенциите на своите учениците. Горди сме на секој нивен успех и секогаш сме тука да ги поддржиме во нивните активности.