Наставници од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ го реализираат проектот на Еразмус+, Алатки за дигиталната училница

Во рамките на проектот Еразмус+ за средно образование група oд 9 наставници го реализира проектот насловен Алатки за дигиталната училница (Tools for the digital classroom). Наставниците од средното економско правно училиште на град Скопје „Васил Антевски -Дрен“ ја следеа обуката во центарот за едукативни проекти „Чекдев“ во Анталија, Турција.

Идејата за проектот произлезе од потребата на наставниците да се обучат да користат дигитални алатки (Web2.0) во наставниот процес. Појдовна точка за темата беше спроведената анкета на наставниците во СЕПУГС ,,Васил Антевски-Дрен” Скопје, од која се виде дека помалку од 20% од наставниците знаат да користат само неколку дигитални алатки. На прашањето од анкетата дали сметаат дека алатките ќе донесат поголема мотивација и активност на часовите, повеќе од 70% од наставници одговорија позитивно.

Обуката во Анталија се одвиваше седум дена во месец мај 2022 година. Во учебната година 2022-2023 обучените наставници спроведоа дисеминација на знаењето и на стекнатите вештини од обуката на своите колеги како и на колеги од други средни училишта. Научените дигитални алатки активно се користат во наставата по различни предмети, додека учениците лесно ги прифаќаат бидејќи им носат динамика на часовите, поголема активност, како и зголемена интеракција со професорите.

Интерен оглас за запишување на редовни ученици во I (прва) година за учебната 2023-2024 година

Интерен оглас за запишување на редовни ученици во I (прва) година во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен”- Скопје за учебната 2023-2024 година

Во Средното економско-правно училиште на Град Скопје „Васил Антевски-Дрен”- Скопје, во учебната 2023/2024 година во I (прва) година ќе се запиша 476 ученици во 14 паралелки со настава на македонски јазик според наставните планови и програми за: Економско-правна и трговска струка – 476 ученици, 14 паралелки.

  • ЕКОНОМСКИ ТЕХНИЧАР- 136 ученици во 4 паралелки со четиригодишно траење со минимум 60 поени, на македонски наставен јазик.
  • ПРАВЕН ТЕХНИЧАР- 238 ученици во 7 паралелки со четиригодишно траење со минимум 60 поени, на македонски наставен јазик.
  • ТЕХНИЧАР ЗА Е-ТРГОВИЈА И ДИГИТАЛЕН МАРКЕТИНГ-102 ученици во 3 паралелки со четиригодишно траење со минимум 60 поени, на македонски наставен јазик.

Преземете го конкурсот во PDF

Избор на најдобра ученичка копмпанија

СЕПУГС “Васил Антевски-Дрен” во организација на Џуниор Ачивмент за прв пат учествува на Национален натпревар за “Избор на најдобра ученичка копмпанија” и во конкуренција од 52 пријавени училишта, нашето го зазема високото III место!

Нашата училишната компанија МИДОРИ ја основаа и раководеа учениците Христијан Дебарлиев, Дамјан Ѓорѓиевски, Вања Чижбаноски, Ангела Бошковска и Елеонора Ачковска водени од менторот професор Радојка Хелман Денковска.

Учениците изработија Платформа (Апликација) за ВИРТУЕЛНА ПРАКСА во форма на видео игра која им овозможува на учениците да менаџираат сопствен бизнис преку реалистични симулации Истата содржи и едукативно катче за микротрансакции, финансирање и совети за бизнис концепти како криптовалутите.

На Националниот натпревар беа присутни и Џејмс Стајн, директор на УСАИД и Јетон Шаќири, Министер за образование и наука, кои беа воодушевени од нашиот проект и упатија многу пофални зборови.

ПРИКЛУЧИ СЕ НА ВИРТУЕЛНИОТ СВЕТ ДЕНЕС И СТАНИ УСПЕШЕН БИЗНИСМЕН УТРЕ!

Подготвени за новиот образовен профил Е-трговија и дигитален маркетинг!

Гувернерката им ги додели наградите на учениците од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ на Квизот организиран од Народната банка

Подигањето на јавната свест за значењето на финансиската писменост, како за граѓаните, така и за економијата, има значајна улога во спроведувањето на процесот на финансиска едукација. За оваа цел, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска го посети СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ ‒ Скопје, доделувајќи им награди на учениците кои учествуваа на едукативниот квиз на Народната банка по повод одбележувањето на „Глобалната недела на парите“. Во оваа прилика, гувернерката одржа едукативна презентација пред учениците и оствари работна средба со раководството на училиштето на која се разговараше за можните форми на натамошна соработка во доменот на финансиската едукација.

Во својата презентација, гувернерката се осврна на основните цели и функциите на Народната банка, како и на нејзината улога во одржувањето на ценовната и финансиската стабилност. Исто така, беше истакнато и значењето на финансиската писменост на населението и сѐ поголемата улога на централните банки во овој домен. Народната банка во последните години вложува зголемени напори за зајакнување на финансиската едукација и инклузија, во согласност со првата национална стратегија во овој домен донесена од страна на финансиските регулатори, предводени од Народната банка. Централната банка има објавено бројни едукативни материјали и на редовна основа спроведува едукативни активности за различни старосни групи, особено за младото население. Како поранешна ученичка од ова средно училиште, гувернерката го истакна финансиското знаење како суштинско, не само за тие кои одбрале професионално да се занимаваат со финансии туку и за целото население, особено во современиот динамичен финансиски систем.     

По одржувањето на презентацијата, им беа доделени пригодни награди на Ева Младенова, Кристина Митовска и Јована Петровска, ученичките кои ги освоија првите три места на едукативниот квиз што виртуелно се одржа на 23 март 2023 година, за време на одбележувањето на „Глобалната недела на парите“, во организација на Народната банка. На едукативниот квиз учествуваа 26 ученици од III и IV година кои одговараа на прашања од доменот на работењето на Народната банка и на банкарскиот систем. Централната банка и во иднина ќе презема ваков тип едукативни активности за учениците од основните и од средните училишта во земјава, со цел да се зголеми нивото на финансиската писменост кај младите.

Универзитеoт „Гоце Делчев“ – Штип го одржа Форумот за младинско учество во образованието

15 средни училишта од над 10 општини, студенти, средношколци и компании беа дел од денешниот Форум на младинско учество во образованието. Младите средношколци, како и студентите на УГД, имаа можност да бидат слушнати од стручниот кадар на Универзитетот и да споделат размислувања и идеи за унапредување на високото образование, со нивно активно вклучување. 

– Ова е прв чекор во кој Универзитетот се обидува да изгради подобра соработка со средношколските центри и со младите воопшто. Ние како Универзитет можеме да ги ставиме сите ресурси на нивно располагање и во изградба на нивната професионална кариера. Се надевам дека ќе имаме дискусии кои ќе ни дадат правец и нам како Универзитет и ќе им овозможиме на средношколците да направат соодветен избор на идната струка – истакна ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

На Форумот беше презентиран и уникатен софтвер за систематско собирање на информации за млади таленти од средните училишта, креиран од Факултет за информатика при УГД.

Младите таленти, понатаму, ќе добијат можност за дополнителна поддршка во образованието преку подготовка за натпревари, можност за учење во универзитетските лаборатории и бесплатно присуство на обуки од професорите на УГД.

На настанот присуствуваа и претставници на бизнис заедницата, Стопанската комора, претставници на средни училишта, како и градоначалникот на Штип, градот домаќин. Овој Форум е почеток на менување на начинот на соработка меѓу високото и средното образование. На крајот на Форумот, ректорот на УГД потпиша Договор за меѓусебна соработка со претставниците на средните училишта преку кој во иднина ќе се одвиваат најголем дел од активностите. 

Посета на ученици на Кабинетот на претседателот во рамки на Отворен Кабинет

Во рамки на активноста Отворен Кабинет, денеска Кабинетот на претседателот го посетија ученици од Средното економско правно училиште на град Скопје „Васил Антевски -Дрен“.

Посетителите имаа можност да се сретнат и да разговараат со претседателот Пендаровски за неговата работа и надлежностите, за активностите кои се одвиваат во Кабинетот, како и за актуелните општествено-политички прашања.

Посетителите ги разгледаа работните простории во кои се реализираат официјалните и работните средби, како и Мозаик салата во која е поставен диптихот „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ на академик Глигор Чемерски. Од вработените беа запознати со историјатот на објектот во којшто е сместен Кабинетот, како и со начинот на функционирање на институцијата.

Отворен Кабинет како дел од проектот Лице в лице со Претседателот овозможува директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Досега Кабинетот го посетиле граѓани од различни возрасти и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта.

Погледнете го видеото на Facebook и YouTube.

Работилница за образовниот профил е-трговија и дигитален маркетинг

На ден 08.02.2023 (среда) заедно со учениците од I-1 и I-2 од образовниот профил е-трговија и дигитален маркетинг ја поврзавме теоријата и практиката во работилница со следните содржини:
  • Креирање на online продавница
  • Одредување на таргет публика
  • Избор на продукти/услуги
  • Креирање име на бренд
  • Избор на Е-платформа
  • Креирање и дизајн на веб страна
  • Оптимизација на веб страна – SEO
  • Одредување метод на наплата
  • Промоција на online продавница
  • Привлекување на потенцијални клиенти/потрошувачи
Предизвиците во реализација на наставните програми за новиот профил во интерес на учениците се појдовна точка за идна соработка со надворешниот соработник, предавачот м-р Даријан Трајанов.

СЕПУГС “Васил Антевски – Дрен” им посака добредојде на своите ученици со настан во кој учествуваа наши поранешни, сегашни и идни ученици.

✨ВАШИОТ СОН Е НАШ ПРЕДИЗВИК
СЕПУГС “Васил Антевски – Дрен” им посака добредојде на своите ученици со настан во кој учествуваа наши поранешни, сегашни и идни ученици.
‍Јована Петровска –претставник од Ученичката заедница им посака добредојде на учениците од прва година и раскажа што за неа значи училиштето и како таа ги поминува училишните денови.
Прoфесор д-р Александра Максимовска, редовен професор на Правниот факултет “Јустинијан Први”, зборуваше како нејзиниот сон станува реалност, реализиран уште од средношколските клупи како наш ученик. ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО ВАСИЛ АНТЕВСКИ – ДРЕН, МЕСТОТО КАДЕ ШТО ВАШИОТ СОН МОЖЕ ДА ПОЧНЕ ДА СЕ ОСТВАРУВА, им порача Александра на нашите ученици
‍Во духот на новиот предизвик, нашиот нов профил – техничар за дигитален маркетинг и е трговија, Војдан Карапетковски, извршен директот на КАРА5 – Агенција за дигитал маркетинг и Менаџер на годината до 40 години, ги сподели своите искуства и предизвици на патот кон успехот и им порача на учениците дека се е можно доколку се сака. Тој е првиот приватен донатор кој во време на пандемија донираше таблети за социално загрозените ученици и вети дека на ученик на генерација 2022/2026 традицијата ќе ја продолжи со подарок компјутер за најдобриот.
СЕКОЈ СОН Е ВОЗМОЖЕН, ДОКОЛКУ ВЕРУВАМЕ ВО СЕБЕ, РАБОТИМЕ ПОСВЕТЕНО И УЧЕСТВУВАМЕ ВО СИТЕ НАСТАВНИ И ВОННАСТАВНИ АКТИВНОСТИ е заедничка порака од нашите гости, поранешни ученици на СЕПУГС “Васил Антевски – Дрен”.
‍‍Драги наши ученици, Ви поскауваме успешен и среќен почеток на новата учебна година
Бидете храбри, посветени и упорни во остварувањето на своите цели!
Директор
М-р Тања Јовановска

СООПШТЕНИЕ: Прв наставен ден од учебната 2022/23 година

На 01.09.2022г. – четврток – прв наставен ден од учебната 2022/23 година, наставата ќе се одвива по следниот распоред:

ПРВА година…………………………………………….9:00 часот

  • НАПОМЕНА: Учениците од ПРВА година да понесат со себе една мала слика за возниот билет од ЈСП.

ВТОРА година………………………………………… 10:00 часот

ТРЕТА и ЧЕТВРТА година………………………..11:00 часот

ВИ ПОСАКУВАМЕ УСПЕШНА и СРЕЌНА 2022/2023 учебна година!